Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, која ја сочинуваат вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска се сретна со претседателката на Народното собрание на Република Србија Ана Брнабиќ.
Брнабиќ во оваа прилика го изрази своето задоволство од посетата и упати честитки за формирањето на новата Влада. Истакна дека Македонија секогаш може да смета на искрена поддршка и партнерство од Србија.
За време на средбата се разговараше за можностите за натамошен развој на пријателските односи, потпирајќи се на заедничката историја и блиските културни врски. Посебен акцент беше ставен на парламентарната соработка, со заемно задоволство што во Собранието на Република Северна Македонија е формирана парламентарна група за пријателство со Србија. Оваа иницијатива дополнително ќе ги зајакне политичките и дипломатските односи, обезбедувајќи нови можности за подобрување на билатералниот дијалог.
Брнабиќ го истакна значењето на Република Северна Македонија како економски партнер на Србија, како на полето на надворешната трговска размена, така и во однос на инвестициската соработка. Се разговараше и за Протоколот потпишан во Скопје, кој овозможува воспоставување слободен пазар на труд во рамките на иницијативата Отворен Балкан, што ќе придонесе за подобрување на деловното опкружување и решавање на проблемот со недостигот на работна сила.
Стоилковиќ, исто така, изрази задоволство од зајакнувањето на соработката и истакна дека силните и постојани врски меѓу двата народи претставуваат солидна основа за натамошно унапредување на соработката на сите нивоа. Додаде и дека активно ќе работи на учеството на претстојниот светски изложбен настан ЕКСПО 2027, што ќе биде уште еден важен чекор за подобрување на меѓусебните односи и промоција на регионот.
На крајот од средбата беше заклучено дека двете страни ќе се фокусираат на реализација на конкретни проекти и иницијативи, со цел понатамошна интеграција и подобрување на односите меѓу Србија и Северна Македонија, што ќе придонесе за регионалната стабилност и просперитет.
По средбата со Брнабиќ македонската делегација предводена од вицепремиерот Стоилковиќ имаше средба и со министерот за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ. На средбата уште еднаш се потврди заклучокот дека меѓу Р Србија и РС Македонија нема отворени прашања и дека фокусот сега треба да се стави на економијата.
Од страната на Владата на Р Србија уште еднаш се потенцираше поддршката за учеството на РС Македонија на ЕКСПО 2027. Исто така, министерот Момировиќ ја иницираше потребата од средба на стопанските комори на двете земји како приоритет во блиска иднина, што беше потврдено и од наша страна.