Со поддршка на ЕУ се подобрува квалитетот на воздухот во Куманово

Signing of MoU 4
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Куманово, 4 септември 2024 – Градот Куманово и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) денеска потпишаа Меморандум за разбирање за официјализирање на соработката и активностите кои се спроведуваат во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“.

 


На церемонијата на потпишување, секретарот на општина на Куманово, Александар Гелевски, ја нагласи важноста на проектот „ЕУ за чист воздух“, кој се реализира од страна на УНОПС со поддршка од Европската Унија, за граѓаните на општина Куманово.

 

„Благодарение на проектот ЕУ за чист воздух, Куманово ќе добие значителна поддршка за подобрување на животната средина, вклучувајќи замена на системите за греење на јавните згради кон извори на чиста енергија, зголемување на зелените површини во градот и подобрен мониторинг на квалитетот на воздухот. Со задоволство можам да кажам дека во рамките на проектот веќе се започнати инфраструктурни зафати во средното стручно училиште„Наце Буѓони“ и ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“. Очекуваме, наредната година, вакви активности да продолжат во дополнителни седум објекти во централното градско подрачје. Со замената на системите за затоплување од лесно масло на природен гас, емисијата на одредени загадувачки супстанции во воздухот ќе се намалат и до 99%“ изјави Гелевски.

 

„Проектот ЕУ за чист воздух е тригодишна иницијатива вредна 10 милиони евра, финансирана од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош, која работи на подобрување на квалитетот на воздухот во Куманово, Скопје, Тетово и Битола“, истакна Микела Телатин, претставничка на УНОПС во Северна Македонија.

 

„Со целиот проект е предвидена транзиција на 70 јавни згради од загревање со екстра лесно масло кон обновливи извори на енергија, набавка на 6 еколошки автобуси за град Скопје, воспоставување на зелени појаси сo 6,000 дрвја, изготвување на физибилити студија за проширување на системот за централно греење во Скопје и модернизација на станиците за мониторинг на квалитетот на воздухот со нова опрема“, рече Телатин.

 

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK