Светската здравствена организација (СЗО) објави дека вакцинирала околу четвртина од децата под 10 години против детска парализа и ги надминала целите за вакцинација во Газа денеска, на третиот ден од масовната кампања.
Кампањата за вакцинација беше забрзана по откривањето на првиот случај на детска парализа во Газа минатиот месец и се потпира на дневните осумчасовни паузи во борбите меѓу Израел и милитантите на Хамас во одредени области на опколената енклава.
Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за окупираните палестински територии, изјави за новинарите дека повеќе од 161.000 деца под 10-годишна возраст биле вакцинирани во централното подрачје во првите два дена од кампањата, надминувајќи ја целта од околу 150.000 деца за два дена.
„Досега оди добро. Овие хуманитарни паузи засега функционираат. Имаме уште 10 дена“, рече тој.
Медицинските тимови ќе се упатат кон јужниот дел на Газа кон крајот на оваа недела. Тие имаат намера да стигнат до приближно 340.000 деца таму, а потоа да се движат кон северна Газа, рече Пиперкорн.