Зголемена е популацијата на штркови во Македонија – Македонското еколошко друштво спроведе попис

shtrk.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонското еколошко друштво спроведе пребројување на штрковите на национално ниво.


Овој цензус се спроведе во рамки на 8-от Европски цензус на штркови кој што се прави на секои 10 години, а во Македонија првпат се спроведе во 2014 година. При истражувањето во Македонија беа вклучени над 15 членови и волонтери на МЕД, а евидентирани се вкупно 1765 гнезда на штркови (1388 активни гнезда и 389 неактивни гнезда – односно гнезда во кои не се извеле млади, биле гнезда за спиење на штрковите, или имало само една возрасна птица). Вкупниот број на изведени штркчиња е 3,934.

Штрковите најчесто ги населуваат рамничарските региони и најголем дел од гнездата се лоцирани во населените места. Како региони со најмногу гнезда на штркови се издвојуваат Пелагонија (541 гнездо) и Овче Поле (326 гнезда). Соодветно на бројот на гнезда, Пелагонија има најголем број на млади, вкупно 1,170, што претставува еден од најважните региони за штрковите во Македонија, следено од Овче Поле и Кочанско Плле со 707 млади птици, додека Долно Повардарие и Радовишко – Струмичка Котлина исто така имаат висока бројност на млади, со 367 и 545 соодветно. Трите села во најмногу гнезда од штркови се Стојаково – 53 гнезда, Богородица – 45 гнезда и Росоман со 41 гнездо. Најголем број на гнезда се наоѓаат на бандери (околу 76% од сите гнезда), кровови на куќи (18%), силоси, кровови и оџаци на фабрики околу 5%, додека пак најмалку гнезда на штркови се лоцирани на дрва – помалку од 0,2%.

Во споредба со цензусот на штркови направен во 2015-та година бележиме зголемување на популацијата на штркови, односно, бројот на активни гнезда од 837 пораснал на 1388, што претставува зголемување на популацијата на штркови во државата за 60% за период од 10 години. Од друга страна, годинава се извеле 49% повеќе млади споредено со 2014 (1964 ). Популацијата на белите штркови расте во цела Европа. Ваквиот пораст на бројноста на белите штркови се дилжи на успешноста на имплементираните мерки за заштита на штрковите, намалениот притисок од земјоделството, но и климатските промени играат важна улога бидејќи сега штрковите полесно наоѓаат храна во зимски услови, па така им се намалува и миграторниот пат.

Овие резултати укажуваат на потребата за понатамошна заштита и мониторинг на штрковите во Македонија, како и за имплементација на стратегии за заштита на нивните живеалишта.

МЕД и понатаму ќе продолжи со следење на состојбата на штрковите и информирање на јавноста за потребата од зачувување на нашата природна средина.

Податоците за дистрибуцијата на гнездата и бројот на млади се достапни на www.ptici.mk.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK