Герасимовски: Среќна и успешна учебна година, да учиме за другарувањето и ги почитуваме разликите

WhatsApp-Image-2024-09-02-at-11.59.56_c2823e25.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Денес е посебен ден, ново поглавје во вашите животи, денот кога го започнувате вашето училишно патување. На сите вас ви посакувам многу успех во учењето, многу нови пријателства и безброј насмевки. Основните училишта не се само места каде што се стекнувате со знаење, туку и места каде што се градат најдрагоцените пријателства, првите симпатии, и се поставуваат темелите на вашите идни достигнувања. Учете посветено за да бидете најдобри, читајте колку што е можно повеќе, бидејќи знаењето е најмоќното оружје што ќе го имате во животот. Но, не заборавајте дека другарувањето е исто така многу важно. Најискрените и најтрајните пријателства често се создаваат токму сега“, им порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на првачињата во ООУ „Коле Неделковски.


Герасимовски присуствуваше на првиот училиштен ден и отворањето на доградбата на училиштето кое се прави по цели 66 години и за кое општината издвои 43 милиони денари од општинскиот буџет. Тој за почетокот на учебната година на првачињата им додели бесплатни ранци на сите 530 првачиња и испрати порака до сите ученици дека покрај учењето важни се почитувањето и различностите на сите ученици во училиштето.

„Со доградените капацитети на училиштето, вложивме во инклузивност и создадовме простор каде што секое дете, без разлика на неговите способности или потреби, може да учи и да се развива. Нашата цел е сите ученици да се чувствуваат прифатени, поддржани и охрабрени да го достигнат својот целосен потенцијал. Овие подобрувања се дел од нашата заложба за создавање на инклузивна средина во која сите деца имаат еднакви можности за успех и напредок. Ученици вас ве охрабрувам да го цените и почитувате секој од вашите другарчиња, бидејќи сите сте различни и секој од вас е посебен на свој начин. Учете за другарството, за важноста на пријателството и заедништвото. Ви посакувам успешна учебна година, полна со среќа и дружење. Бидете добри деца и успешни ученици“, заврши Герасимовски.

Новиот директор на училиштето „Коле Неделковски“, Александар Христовски на учениците им посака успешна школска година и примерно поведение.

„Првиот училиштен ден е секогаш полн насмевки и возбуди, се надевам дека оваа среќа ќе ја носите со вас во текот на целата училишна година. Ви посакувам многу среќа, примерно поведение и успешна училишна година. Денеска сакам да им се заблагодарам и на општествено одговорните компании кои донираа ранци за нашите најмили првачиња и уште повеќе ги израдуваа нашите најмали ученици“, изјави директорот Христовски.

Општина Центар посветено работи на обезбедување квалитетно образование и ќе продолжи да работи на безбедни и инклузивни наставни процеси. Целта е секој ученик да има можност да напредува со цел да ги постигне своите максимални потенцијали.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK