Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска присуствуваше на настан во ООУ „Коле Неделковски“ во Општина Центар, каде на почетокот на училишна година беа пуштени во употреба нови училници и кабинети. Ова е нова инвестиција во училиштето Коле Неделковски, после 66 години.
„Градоначалникот Горан Герасимовски и Општина Центар издвоија 43 милиони денари за изградба на 4 нови училници, 2 кабинети, една библиотека. Средства кои обезбедуваат инклузивност во образованието, со лифт и тоалет за учениците со потешкотии во движењето како и пристапна рампа за непречен пристап во училиштето“, рече Филипче.
СДСМ обезбедува инклузивно образование за секое дете. Образование кое ги почитува и прифаќа различностите и кое овозможува и децата со попреченост да имаат еднакви шанси за достигнување на својот полн потенцијал и придонес во општеството, додаде тој.
„Преку проектот за унапредување на основното образование СДСМ во изминатите години реализираа реконструкции на санитарни јазли и изградба на рампи за ученици со попреченост во повеќе од 40 училишта. СДСМ набави и опреми кабинети по природни науки во повеќе од 260 основни училишта и опрема и нагледни средства за кабинети по природни науки во повеќе од 358 училишта. А, минатата 2023 година, сите основни училишта во државата комплетно беа опремени со нови нагледни средства и помагала во кабинетите по историја, географија и за другите предмети од групата општествени науки. И овие инвестиции не треба да престанат, затоа што без квалитетно образование нема силна држава“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на сите првачиња им посака среќна учебна година и успех на сите ученици.
„Верувам дека во секој ученик се кријат индивидуални посебности и силни таленти. Но, без инвестиции во образованието не можеме да зборуваме за квалитетно образованието и успешни и образовни кадри. Затоа во едно од најстарите училишта во Скопје Коле Неделковски, капацитетите се прошируваат по цели 66 години“, рече Филипче.