(Фото+видео) Собир на СДСМ за поголеми плати на наставниците, ВМРО-ДПМНЕ го нарече фијаско

1-4.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Собир под мотото „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ се одржа денеска пред Министерството за образование и наука.



Собирот го организираше Комисијата за образование и наука на СДСМ и на него се обрати лидерот на партијата, Венко Филипче.

„Ако СДСМ беше на власт ќе имаше пари и за покачување на плати и за почитување на сите колективни договори. Никој не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците за 12%. Гледаме дека има пари за нови четири министерства и цела армија партиски вработувања, има пари за луксузирања со скапи авионски карти, има пари измислување на нови директорски места во царина и така натаму. Буџетот има пари, но платите не се приоритет“, рече Филипче.

„Ако можеше за 7 години секоја година да се зголемува платата на наставникот нема оправдување сега да не се зголемат. Законска обврска мора да се почитува. Одговорност на власта е да ги зголеми платите на наставниците, во септември за 12%“, рече Розалија Ангеловска, наставничка.

„Од овој септември платите на просветните работници требаше заради законско усогласување да бидат зголемени за 12,15% односно во просек да се зголемат за 4.300 ден. Ветувања за подобри услови за живот, поголеми плати, наставниците добиваа и од актуелната министерка Весна Јаневска кога беше опозиција. Седна во удобната фотелја и заборави на наставниците“, изјави Петре Трајковски, наставник.

„На околу 700 асистенти распоредени по основни училишта низ државата соопштено им е дека ќе бидат одјавени и да одат во АВРМ да се пријават како невработени. Значи, околу 700 деца со попреченост учебната година ќе ја започнат без асистенти или со невработени без плата и здравствено. Сите се во неизвесност и не знаат што ги очекува. Ја прашуваме министерката Јаневска , дали воопшто ја разбира потребата од асистенти и што значи тоа всушност за оние ученици кои реално имаат потреба од нивна асистенција? Го разбира ли министерката фактот дека децата со попреченост се приврзуваат со одредени личности и воопшто не е ниту професионално, ниту хумано да се менуваат луѓето кои веќе навлегле во суштината на работењето, само затоа што не се партиски послушници?“ истакна Весна Баковска, наставничка.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фијаско на СДС пред МОН, само 20-тина активисти на партијата дојдоа на најавениот голем партиски протест. Филипче ја нема поддршката ниту на своите членови, а не пак на народот. Кој го излизга Филипче со идејата за протест е нешто на кое што треба да си бара одговори самиот. Факт и реалност е дека СДС беа власт до пред 2 месеци, тие ги имаа сите можности да ги зголемат платите на наставниците и тоа не го направија. Наставниците знаат дека од СДС се лицемерни“, кажа на прес-конференција Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС ВМРО-ДПМНЕ

Утре почнува новата учебна година. За првпат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. Обезбедени се 10тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование кои досега не биле испечатени. Наставата нема да трае подолго од 10 јуни и нема да има пролетен распуст. Едносменска настава се воведува во 140 училишта, а како поддршка на учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1000 образовни асистенти. Изготвен е и Протокол за организирање настава во услови на топлотен бран.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK