Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со ставот на Бугарија дека изјавите за францускиот предлог за репрограмирањето значат оддалечување на државата од евроинтеграциите, изјави дека во периодот коишто следи државата ќе се соочи со два крупни предизвика, првиот е обид на структури внатре во државата да создадат нестабилност, немир, а вториот е од страна на нашиот источен сосед кој ќе се обиде да нѐ внесе во предизборната реторика.
„Прво сакам да потенцирам дека во периодот коишто следи како Влада и како држава ќе се соочиме со два крупни предизвика. Првиот е обид на структури внатре во државата да создадат нестабилност, немир. Тоа е една коалиција на луѓе коишто се манипулирани, но има и луѓе кои точно знаат што прават со криминално стекнати пари и за да го заштитат сето тоа свесни за одговорноста којашто следи тие ќе се обидат на секаков начин да внесат немир, да ја дестабилизираат би рекол, состојбата во Македонија, затоа што се свесни дека оваа Влада има амбиција и тргна би рекол многу жестоко во исправање на грешките коишто тие ги направија во минатото.
Но, исто така влегуваме и во жестока борба против криминалците и корумпираните политичари и поединци. И тука ќе нема исклучоци. И тие се ќе сторат, криминално стекнатиот капитал да го заштитат, на тој начин што ќе внесат немир ќе се обидат да ја дестабилизираат состојбата во државата. Тоа е едниот предизвик“, изјави Премиерот и додаде:
„Вториот предизвик е од страна на нашиот источен сосед. Тие ќе се обидат да нѐ внесат во предизборната реторика. Знаете, после многу перипетии таму се закажани изборите, седмите по ред избори во последните три години, на 29 октомври чинам дека беа, и тамошните политичари ќе сторат сѐ за да нѐ внесат во нивната предизборна реторика и на тој начин да предизвикаат реакција од наша страна со која што ќе се обидат да нѐ портретираат кај нашите пријатели во меѓународната заедница дека ние сме тие палавите, дека ние сме тие лошите, дека тие се добрите и дека на тој начин практично ние создаваме кавга, немир итн“.
Премиерот Мицкоски упати апел до македонските граѓани, до политичарите, до оние коишто и мислат добро на татковината и на граѓаните да не наседнуваат на овие провокации и потенцираше дека имаме стратешка цел, дека треба да се испорача тоа што го очекуваат граѓаните.
„Јас апелирам до македонските граѓани, до политичарите, до оние коишто и мислат добро на татковината и на граѓаните да не наседнуваме на овие провокации. Тоа ќе се случува. Ние си имаме наша стратешка цел, знаеме по кој пат треба да чекориме, знаеме што треба да направиме, знаеме што очекуваат граѓаните од нас и треба да го испорачаме тоа што тие го очекуваат од нас и за тоа ќе треба да работиме секој ден жестоко напорно и посветено и најбитно чесно. Овој фолклор, оваа естрада коишто ќе се обидуваат, овие центри на моќ, внатре во земјата, но и овие надвор коишто ќе се обидат да не внесат во оваа предизборна реторика треба да ги гледаме одозгора, тие не го заслужуваат нашето внимание. Граѓаните сакаат подобро да живеат, а за да живеат подобро треба да спроведеме структурни реформи и она кое што е многу важно да работиме на владеењето на правото, односно борба, жестока борба со криминалците во политиката, но и поединците криминалци коишто за жал изминативе години ги има многу“, подвлече Мицкоски.
Тој упати апел да не влегуваме во замката на интересите на поедини криминални структури внатре во земјата и да не бидеме вовлечени во предизборната кампања кај нашиот источен сосед.
„Така што од овде од Загреб, мојата порака е ве молам да се стремиме кон тоа што е наш интерес, да не влегуваме во замката на интересите на поедини криминални структури внатре во земјата и да не влегуваме во замката да бидеме вовлечени во предизборната кампања и реторика кај нашиот источен сосед“, изјави премиерот Мицкоски.