Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) бележи зголемување на бројот на пријавени кандидати во првиот уписен рок за повеќе од 50% споредено со изминативе неколку години. Притоа, речиси сите пријавени кандидати имаат над 80 поени, а дури 70% од пријавените се со над 90 поени од средното образование. Ова е доказ дека квалитетот на кандидатите е на највисоко ниво (што беше практика и изминативе години) и покрај нивниот зголемен број. На две студиски програми се целосно пополнети двете квоти, со партиципација и со школарина, додека на останатите се уште има место.
„Зголемениот интерес за студирање на ФЕИТ се должи на долгите години на одржувањето на квалитет во понуденото образование на ФЕИТ, постојаното подобрување на студиските програми и нивната меѓународна акредитација по што сме единствени во државата. Се разбира, тука се и најсовремено опремените лаборатории, исклучително силната поврзаност со стопанството и практичните знаења кои ги стекнуваат нашите студенти. Нашиот факултет постојано организира работилници и зимски/летни школи на кои често учествуваат и средношколци кои одблиску може да се уверат во квалитетот кој го нудиме” изјави деканот на ФЕИТ, проф. д-р Владимир Атанасовски.