Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре, на покана на министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, ќе престојува во работна посета на Република Хрватска.
Во рамките на посетата, министерот Муцунски ќе има одвоена средба со својот домаќин, министерот Радман, а ќе биде и гостин на посебна сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство, каде ќе се обрати на тема „Европската Унија по новиот изборен циклус, Европа-локално и глобално и состојби во ЈИЕ: Од македонско гледиште“, известува Министерството.
Во фокусот на разговорите на двајцата министри ќе биде процесот на ЕУ интеграцијата, како и предизвиците на патот кон целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Министрите Муцунски и Радман ќе разговараат и за можностите за натамошно интензивирање и унапредување на одличните односи меѓу Северна Македонија и Хрватска и продлабочување на билатералната соработка во сите области од заемен интерес.
Во рамки на посетата на Загреб, министерот Муцунски како член на државната делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе се вклучи во програмата на неговата прва официјална посета на Република Хрватска која се реализира на покана на хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, се наведува во соопштението на Министерството.