Телата на осум удавени лица се извадени од реката Дрина по превртувањето на чамецот во кој група мигранти се обиделе илегално да преминат од Србија во Босна и Херцеговина, соопштија од итните служби.
Припадниците на цивилната одбрана на Република Српска ги пронашле телата во Дрина кај Братунац, изјави за новинарите шефот на спасувачката екипа Влада Ранкиќ.
„Не ги знаеме точните информации за бројот на луѓе, досега се пронајдени осум тела. За жал, мислиме дека бараат бебе и мајка“, додаде тој.
Во вториот чамец имало 14 мигранти од Мароко, кои се приведени, соопшти полицијата во Зворник.
Според мигрантите кои успеале да стигнат до брегот, во чамецот имало околу 30 лица, а полицијата и пожарникарите на брегот пронашле 18 од нив, од кои три деца, соопшти претходно Министерството за внатрешни работи на Србија.
На терен се спасувачки тимови за цивилна заштита, припадници на граничната полиција на БиХ и Србија, нуркачи и пожарникари.