Поповиќ поднесе неотповиклива оставка од функцијата директор на НУ Охридско лето

1024-2215.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, денеска, во Министерството за култура и туризам поднесе неотповиклива оставка поради лични причини.


Оставката ја достави лично до министерот Зоран Љутков.

Поповиќ ја раководи најзначајната музичко-сценска манифестација изминативе шест години, во кои се реализира квалитетна уметничка програма со светски и домашни уметници, кои оставија белег во богатата фестивалска програма.

Во нејзиниот мандат фестивалот Охридско лето одбележа значаен јубилеј – 60 години од постоењето, и тоа во време на пандемијата на коронавирусот. Се реализира квалитетна програма со учество на домашни и странски уметници, но и со почитување на мерките и препораките за заштита на публиката и учесниците кога сите културни манифестации беа откажани.

Во 2020 година Поповиќ како директор на Охридско лето ја прими Светиклиментовата награда, повелба со која фестивалот како наш најголем културен бренд, еден од главните фактори на музичката и театарската култура на земјата, беше издвоен за најголем промотор на националното музичко творештво и амбасадор на македонската уметност во светот.

Значаен проект во изминативе шест години е и проектот „Годови“, реализиран во соработка со националниот сервис МРТ. Станува збор за колаж од снимени фрагменти од концерти и изјави и личности што се вградиле во развојот на овој најреномиран фестивал во регионот.
Исто така, под нејзино раководство, архивската документација, културното пишано богатство на манифестацијата, првпат е предадена на трајно чување во Архивот на Охрид.
Во техничко-сценскиот дел комплетно нов лик доби сцената на Долни Сарај, каде што се извршија поголеми реконструктивни зафати, а се обезбеди и нов објект за продажба и маркетинг, сувенирницата што комплетно се опреми и од оваа година треба да биде пуштена во употреба.

Поповиќ пред оставката изјави дека се гордее на сработеното, на квалитетната програма богата со многубројни звучни имиња. Заблагодарувајќи им се на вработените, рече дека се гордее што имала можност да работи со посветен и професионален тим, кој се справува со сите предизвици.

„Особено се гордеам на високиот квалитет на програмата и на успешните шест фестивалски изданија, кои се позитивно оценети од стручната критика, од делегатите на Европската асоцијација на фестивалите (ЕФА), кои беа тука на свечените отворања на фестивалот, но и од нашата верна публика. Ми беше огромна чест и задоволство да работам на оваа функција со еден прекрасен тим, кој многу ми помогна за да бидам успешен директор и менаџер, тим што е за пример и почит не само во Охрид туку и пошироко во државата, но и со селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот, Бисера Чадловска и Сања Арсовска“, рече Поповиќ, која годинава доби признание – благодарница од амбасадорката на Република Србија во Република Северна Македонија, Невена Јовановиќ, за големиот придонес во промоцијата на српската култура во земјата. Од амбасадорката на САД, Анџела Агелер, ѝ беше врачено признание за големи достигнувања и соработка во промовирањето на американската уметност и култура во Република Северна Македонија, кое беше одобрено со печат од Стејт департментот во Вашингтон. Претседателот на Република Италија, Серџо Матарела, ја одликува директорката Поповиќ со орден „Витез на Редот ‘Ѕвезда на Италија’“.
Минатата година Поповиќ како директорка на Охридско лето беше избрана за жена на годината од областа на културата во рамките на конференцијата „Жени претприемачки“, што се одржа шести пат во Македонија.
Таа најави дека професионалната кариера ќе ја продолжи во културата, во уметноста, која е и нејзина професија.
Вработените ѝ се заблагодарија и ѝ порачаа дека беше вистинско задоволство да се работи со неа и дека остануваат нејзини вистински пријатели.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK