Претседателот на Чешката Република Петр Павел изјави денеска дека војната во Украина ќе продолжи се додека нема доволно сила да се убедат двете страни во неможноста да се постигнат политички цели преку воени средства и дека постојат неколку опции за ставање крај на војната на Русија против Украина.
„Ова може да се случи оваа година, но може да се случи следната година, или можеби по многу години“, рече Павел во подкастот на PoliTalk, а пренесува чешкиот портал Новинки.
Истовремено, тој не ја исклучи можноста конфликтот да премине од жешка фаза во замрзната фаза, која, како што наведе, „може да трае со години“.
– Верувам дека за неколку години и двете страни ќе сфатат дека е невозможно да се продолжи понатаму, а преговорите ќе се случат. Не само Соединетите Американски Држави, туку и Кина, мора да дадат значаен придонес за тоа и да ги поттикнат двете земји на дипломатски преговори, додаде чешкиот лидер.
Павел оцени дека иако Европската Унија е голема економска и политичка сила, потребен е унифициран пристап кој ги вклучува САД и сите демократски земји во светот.