Осудениот воен злосторник Радован Караџиќ (79) ја тужи владата на Обединетото Кралство за „нехуман третман“ затоа што не смеел да внесе лаптоп во ќелијата, пишува Дејли Мејл.
Караџиќ, кој се наоѓа во затворот Албани на островот Вајт, бара 50.000 фунти за „кршење на човековите права“ и тврди дека му е забрането да комуницира на својот мајчин српски јазик.
Неговата ќерка Соња Караџиќ-Јовичевиќ неодамна за медиумите тврдеше дека го држат во „нездрави и нецивилизирани“ услови.
Таа за босанската новинска агенција СРНА изјави: „Што се однесува до физичката состојба во која се наоѓа, тоа е неприфатливо. Ако на тоа се додаде фактот дека се наоѓа во зграда полна со канцероген азбест, која е забранета во светот, јасно е во каква состојба ќе биде внатре“.
На 20 март 2019 година, Радован Караџиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцид и други злосторства извршени во БиХ помеѓу 1992 и 1995 година. Пред три години тој беше префрлен од Холандија во Британија на отслужување на казната.