Се случи масакр во средното училиште во Сански Мост во Босна и Херцеговина. Полицијата потврди дека во нападот загинале директорот на училиштето, секретарот и еден професор. Тројниот убиец бил домарот на училиштето, а неговите жртви биле вработени со кои претходно бил во конфликт.
Тројца убиени, застрелани од чуварот
Домарот на училиштето со автоматска пушка ги убил директорот на гимназијата Нијаз Халиловиќ, професорката по англиски јазик Гордана Ниџан и училишната секретарка Нисвета Кљуниќ.
„Пукањето се случило во 10:15 часот. Машко лице, со огнено оружје убил тројца вработени во училиштето. После тоа најверојатно се обидел да си пресуди и се здобил со тешки физички повреди. Тој е префрлен во Ургентниот центар во Бања Лука. Полицијата е на лице место“, изјави Аднан Бегановиќ, портпарол на МУП на Унско-санската жупанија.
Пукал чуварот Мехмед Вукалиќ, пишуваат „Независне новине“.
Во моментот кога нешто по 10 часот во училиштето беше извршено тројното убиство, во тек беа поправните испити, но нема потврда дали и колку ученици имало во зградата, информираат босанските медиуми.
Како што неофицијално дознава Н1, напаѓачот веќе извесно време имал несогласувања со раководството на училиштето и претходно се жалел на дискриминација.
Pucnjava u Sanskom Mostu, troje mrtvih pic.twitter.com/w8hBrqyBG9
— Nezavisne novine (@NezavisneBL) August 21, 2024
Против него е спроведена дисциплинска постапка и утринава, според неофицијални информации, тргнал во целна потрага по лицата кои биле во тие дисциплински комисии и пукал во нив. Н1 неофицијално дознава дека напаѓачот имал и психички проблеми.
Во тек е полициска истрага, а училиштето е опколено од огромни полициски сили, јавуваат Независне новине. На лице место се собрале голем број професори кои се во шок бидејќи голем дел од нив самите биле сведоци на нападот.