Околу 700 играорци од 18 фолклорни ансамбли од земјава и од странство ќе учествуваат на 19-то издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, кој започнува вечерва, во 19 часот, на Градскиот плоштад во Крива Паланка и ќе трае до 22 август.
Традиционално и оваа година на сите три фестивалски вечери ќе има дефилеа кои ќе почнуваат од различни страни во градот за да можат што повеќе граѓани да ја почувстуваат фестивалската фолклорна атмосфера во градот под Осоговието.
На годинешното издание на Меѓународнио фолклорен фестивал ќе учествуваат фолклорни друштва од Турција, Србија, Црна Гора, БиХ, Бугарија и Македонија.
„И годинава посетителите ќе можат да уживаат во звуците и колоритните носии на изведувачите, а целиот град ќе биде една голема фолклорна сцена која ќе донесе радост, пријателство и славење , затоа што за песната, орото и музиката не се потребни јазици и преводи за да се разберат, туку допираат директно во срцето“, посочи Антони Стојановски, директор на НУ Центар за култура Крива Паланка.
По фолклорните настапи, следуваат концертите на Игор Димовски и Пауза за ракија на 20 и 21 август со почеток во 21,00 часот и на Елена Андоновска, која ќе настапи на 22 август на затварањето на фестивалската фолклорна сцена.
Националната установа како организатор на тродневната фестивалска манифестација оваа година ќе организира и семинари и тоа: „На Јаким“- мастер клас за културното наследство на Крива Паланка и околината со Бојан Петковски, етнокореолог, со проекција на филм за Дурачка Река „ Не Плети Лесо„ и презентација на облековните елементи од етничките предели Дурачка река, Источен дел на Славиште и Средорек на 21 август и предавање на тема : „Традиционалната култура во Крива Паланка “ со Зоранчо Малинов, Родна Величковска и Стојанче Костов на 22 август.
Со Меѓународниот фолклорен фестивал “Свети Јоаким Осоговски” започнува празничната слава во Крива Паланка по повод патрониот празник посветен на Осоговскиот светец. Истовремено, како придружни манифестации ќе се одвиваат Фестивал на храна, дегустација на лесковачка скара и Фестивал на занаети и ракотворби на Градскиот кеј на Крива Река, со почеток во 18,00 часот.