Шефот на американската надворешна политика Антони Блинкен го повика Хамас да го прифати компромисниот договор на Вашингтон за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, по состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху што тој го нарече „многу конструктивен“.
Претходно последните напори ги оцени како најдобра и можеби последна шанса за примирје и ги повика конфликтните страни да се договорат.
Минатонеделните разговори во Катар не успеаја да постигнат напредок, но се очекува да продолжат оваа недела врз основа на предлогот на САД чија цел е премостување на разликите меѓу Израел и Хамас.
Сепак, додека палестинската исламистичка група најавува продолжување на самоубиствените бомбашки напади во Израел по многу години, а медицинските лица тврдат дека најмалку 30 Палестинци ширум Појасот Газа се убиени денеска во напади на израелската војска, на теренот нема знаци на смиреност, пренесуваат медиумите во светот.
„На денешниот многу конструктивен состанок со премиерот Нетанјаху, тој ми потврди дека Израел го прифаќа компромисниот предлог, дека го поддржува“, изјави Блинкен за новинарите во Тел Авив.
„Сега останува на Хамас да го стори истото, а потоа страните со помош на посредниците – Соединетите Американски Држави, Египет и Катар, мора да се сретнат и да го завршат процесот за постигнување јасни договори за тоа како ќе ги спроведат обврските, тие се согласија во овој договор“.
Нетанјаху рече дека сака ослободување на „максималниот број живи заложници“ во првата фаза од предложениот план на САД за прекин на огнот во Газа.
„Би сакал да ги истакнам напорите за ослободување што е можно повеќе живи заложници во првата фаза од договорот“, рече Нетанјаху по средбата со американскиот државен секретар.
Планот предвидува во првата фаза шестнеделно примирје придружено со израелско повлекување од густо населените области на Газа и ослободување на одреден број од 111 заложници киднапирани на 7 октомври во Израел при напад на палестинскиот Хамас и кои се уште во Газа.
Месечните нерегуларни преговори се вртат околу истите прашања, при што Израел вели дека војната може да заврши само со уништување на Хамас како воена и политичка сила, а Хамас вели дека ќе прифати само трајно, а не привремено примирје.
Несогласување има и за постојаното израелско воено присуство во Газа, особено на границата со Египет, како и за идентитетот и бројот на затвореници кои би биле ослободени во замена.
Стотици луѓе денеска демонстрираа пред хотелот на Блинкен барајќи договор за ослободување на заложниците.
Блинкен во тоа време се среќавал со роднините на заложниците. Демонстрантите побараа од Блинкен да изврши притисок врз владата на Нетанјаху да постигне договор.