Фудбалерите на Ливерпул го победија како гости Ипсвич со 2:0 во првиот натпревар од новата сезона.
Ова воедно беше и прв официјален натпревар на „црвените“ по ерата на Јирген Клоп и воедно деби на неговиот наследник Арне Слот. За првпат многу солидно издание на избраниците на холандскиот тренер.
Мохамед Салах, режисерот на попладневниот триумф на Портман Роуд, со асистенција и гол се погрижи се да остане „по старо“.
Сепак, на гостите им требаше еден час да ги пробијат сите одбранбени линии на Ипсвич и да поведат. Стрелец на голот за водство во 60. минута беше Диого Јота, на додавање на играчот на натпреварот Салах.
Само пет минути подоцна, Египјанецот стави точка на натпреварот и го направи продолжението од мечот многу помирно за својот тим и го остави ривалот речиси без надеж дека ќе може да го направи подвигот.
Верувале или не, ова беше деветти пат за Салах да постигне гол на стартот од сезоната во Премиер лигата!
Сепак, денеска не му беше лесно на Ливерпул, особено критично беше првото полувреме во неколку ситуации, кога голманот Алисон Бекер мораше да вложи максимални напори за да ги неутрализира обидите на фудбалерите на Ипсвич.
Среќа во тие ситуации имаше и Ливерпул, но во вториот дел направи се’ што помалку да се потпира на асистенција – гостите го одиграа вториот дел од мечот со целосна контрола и заслужено ги испишаа првите три бода во сезоната.