Ресен се сеќава на првиот конгрес на Македонската револуционерна организација

Resenski kongres na MRO spomen ploca
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Годинава се навршуваат 130 години од првиот конгрес на Македонската револуционерна организација (МРО), во литературата познат уште и како „Ресенско советување“. Се одржал на празникот Голема Богородица (15 август по стар стил или 28 август по нов стил) во 1894 година, во семејната куќа на тогашниот прв претседател на МРО, д-р Христо Татарчев.

На состанокот учествувале повеќе видни членови и првенци на МРО, вклучувајќи ги Христо Татарчев, Дамјан Груев, Пере Тошев, Анастас Лозанчев, Георги Пешков, Александар Чакаров, Трајко Доревски и други. На конгресот биле донесени важни одлуки за натамошното делување и структура на организација, за начинот на финансирање, методите на пропаганда и агитација, како и односот со црковните власти на бугарската Егзархија. Набргу по советувањето, во организацијата се приклучиле Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кои што требало да работаат токму во насока на реализација на дел од донесените одлуки поврзани со структурата и правилата на револуционерното движење.


Одржувањето на конгресот било затскриено зад свеченостите поврзани со осветувањето на новата егзархиска црква во Ресен, посветена на Светите браќа Кирил и Методиј, што привлекло многу посетители од разни краишта на Македонија.

„Ресенското советување преставува само еден дел од богатата револуционерна историја на Ресен и Преспа, каде се судирале различни идеи, фракции и визии за иднината на Македонија. Тоа секако се должи на географската позиционираност на Преспа како клучна крстосница во тогашниот Битолски вилает на Отоманската Империја, а можеби и поради вродената бунтовност на Преспанци“ – објаснува м-р Игор Ефтимовски од Ресен, докторан по археологија и истражувач на локалната историја.

Востаничкото расположение кон отоманската феудална власт тлеела во Преспа од многу порано. За време на македонското Кресненско востание (1878-1879), преспанецот Николица Македонски бил командант на коњаничкиот одред на бунтовничката војска. Во исто време, во грчко-македонското востание во Западна Македонија (1878) учествувала и четата на преспанско-костурскиот ајдутски војвода Васил Журка. За време на Брсјачката буна (1880-1882), пак, во пределот помеѓу Горна Преспа и Порече дејствувала четата на Мицко Крстевски, кој подоцна ќе стане прв просрпски четнички војвода во Македонија. Значаен експонент на просрпското движење во Македонија бил и Илија Пејчиновски од преспанско Царев Двор, кој ја предводел српската пропаганда во Солун.

Од друга страна, пробугарските политички елементи во Ресен започнале да се пројавуваат со засиленото влијание на Егзархијата и учителската дејност на Трајко Доревски, кој инаку имал влашко потекло од Меглен. Тој бил учител на ресенчанецот Симеон Радев, кој подоцна станал бугарски министер за надворешни работи, а негов сограѓанин бил и Андреј Љапчев, подоцнежен премиер на Бугарија помеѓу 1926 и 1931 година.

Различните страни почнале полека да се конвергираат со основањето и развојот на Македонската револуционерна организација од 1893 година до Илинденското Востание. Во нејзините почетоци, претседател на организацијата бил ресенчанецот Христо Татарчев, додека пак функцијата генерален секретар ја извршувал Дамјан Груев од Смилево, кое во тоа време се сметало за преспанско село. Нивните „ривали“ од Врховниот македонски комитет од Софија биле исто така водени од Преспанци: претседателот Трајко Китанчев од Подмочани и потпретседател Наум Туфекчиев од Ресен, кои што го организирале Мелничкото востание (1895).

За време на Солунските атентати (1903), својот живот меѓу останатите го жртвувал и ресенчанецот Цветко Трајков, додека пак логистичка поддршка на акцијата дале Нанчо и Калчо Стојанови од преспанско Дрмени, кои што изнајмиле магацински простор во Солун. Тие планирале слична акција и во Цариград, но биле фатени и осудени од отоманските власти.

Во текот на Илинденското востание (1903), преспанските вооружени чети на Тајната македонска револуционерна организација зеле активно учество. Главен командант бил Славејко Арсов од штипско Ново Село, потпомогнат од локалните преспански војводи како Крсто и Јонче Трајкови од Крушје, војводата Геро од Кривени, Кочо Кочовски од Подмочани, Спиро Олчев од Дрмени, Петар Христов од Герман, Коте Христов од Руља и други. Во четата на Арсов учестувал и локален Албанец, муслиман, чие што семејство било особено грубо казнето од Отоманските власти, а самиот тој бил прогонет во Азија поради неговата револуционерна дејност во Илинденското востание.

По неуспехот на востанието, револуционерното движење повторно се нашло на крстопат. Според патеписите на Мери Едит Дурам, која го посетила регионот во 1903-1904 година, преживеаните преспански комити биле подготвени повторно да го следат Славејко Арсов, но апсолутено немале никакви симпатии за Борис Сарафов и тогашното водство на Организацијата. Дел од комитите ја продолжиле борбата и учестувале во судири со отоманската власт, други заминале во странство и во прекуокеанските земји, а трети смениле страна – како во случајот со Коте Христов кој се приклонил кон грчките вооружени чети и станал „Капетан Котас“.

Ситуацијата не била мирна ни меѓу самите отомански власти. Ресенскиот командант на отоманските воени сили, Ахмед Нијази-бег, одлучил да се одметне во летото 1908 година, со својот гарнизон да ја нападне Битола и така да ја отпочне Младотурската револуција за реформи и модернизација на турската држава. Со победата на Младотурците, многу од македонските револуционери, особено оние кои го следеле Јане Сандански, гледале можност за автономија на Македонија. За жал, нивните соништа не се оствариле кога балканските соседи ја нападнале Турција и безобѕирно си ја поделиле Македонија со Букурешкиот договор (1913). Преспа ја доживеала истата судбина како и Македонија, поделена со граница, а потоа и со фронтот на Првата Светска Војна (1914-1918).

Но, желбата за самостојност и посебност опстоила и продолжила со новата генерација. При посетата на германскиот политичар Херман Вендел на Ресен во 1920 година, тој сретнал група момчиња кај црквата Свети Ѓорѓи и на прашање што се, овие како од пушка му одговориле: „Македонци!“

Можеме само да претпоставиме дека некои од тие деца го продолжиле аманетот и повторно го кренале востаничкото знаме за време на Народноослободителната борба (1941-1944), односно Народноослободителниот фронт (1945-1949).

„Како многу години порано, кога темелите на Македонската револуционерна организација биле поставени на Ресенското советување (1894), така сега темелите на современата македонска држава беа поставени на Преспанското советување на Комунистичката партија на Македонија, одржано во Отешево на ден Илинден 1943 година. Токму на овој состанок на највосокото раководство на НОБ била покрената иницијативата за АСНОМ, која се остварила една година подоцна – на Илинден 1944 година“ – заклучува Ефтимовски.

Денес, сите добронамерници можат да посетат бројни спомен-обележја од револуционерното минато на Преспа. Во градот Ресен се наоѓа Спомен-куќата на Татарчеви, како и монументалниот сарај на Ахмед Нијази-Бег. Во Крушје се наоѓа мозаикот на Илинденското востание, изработен од познатиот македонски уметник Лазар Личеноски, додека во Отешево се наоѓа споменикот на Преспанското советување на КПМ, изработен од Јордан Грабул и Боро Јосифовски.

Преспа и Ресен продолжуваат да се сеќаваат на своето револуционерно наследство и да ги негуваат идеалите на борбата за слободна Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK