Град Скопје во соопштение истакна дека ја поздравува разумноста на премиерот Христијан Мицкоски, за која се надеваат дека е искрена и во насока на одблокирање на процесите во градот Скопје.
Градот апелира,Мицкоски да ги вразуми советниците во Советот на град Скопје да не тераат инает и уште веднаш на следната седница да ја изгласаат програмата за работа на Комуналма хигиена која седум месеци досега одбиваат да ја донесат.
„За прв пат во градот Скопје по 30 години Комунална Хигиена нема програма за ангажирање на сезонски работници кои се задолжени за одржување на градската хигиена и чистота на градот само поради инаетот на советниците од мнозинството“, велат од Град Скопје.
Апелираат, Мицкоски да ги вразуми советниците да го изгласаат и планот за набавка на нови еколошки автобуси.
Апелираат до премиерот, и кога веќе освоил апсолутна власт, да ги одблокира претпријатијата кои досега беа блокирани од членовите на Управните одбори од неговата партија.
Доколку е потребно, градот Скопје е подготвен да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата со единствена цел – граѓаните на градот Скопје да добијат град каков што заедно градоначалничката Арсовска и премиерот Мицкоски ветија во 2021 година, се додава во соопштението.