Aндоновски потпиша ЕУ Грант за формирање на Национален центар за побезбеден интернет

andonovski-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во ЕУ инфо House го потпиша Грант договорот со Европската Унија за основање на првиот Национален центар за побезбеден интернет – MkSafeNet. Настанот се одржа во присуство на Амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир и партнерите на проектот.


Овој значаен чекор е дел од Програмата Дигитална Европа, која предвидува вкупни 7,5 милијарди евра на ниво на целата Европска унија. Проектот ќе биде финансиран со грант од 673,354 евра од Европската Унија, дополнет со значително кофинансирање од Владата во износ од 10,788,800 денари за 2025 и 2026 година.

Министерот Андоновски го истакна значењето на овој проект, нагласувајќи: „Почнувањето на овој проект го одбележува нашиот решителен чекор кон создавање на побезбеден дигитален простор за сите граѓани на Република Македонија, особено за нашите најмлади. Во ерата на рапидна дигитализација, безбедноста на интернет не е луксуз, туку неопходност.”

MkSafeNet ќе се реализира во текот на наредните 18 месеци и ќе вклучува студија со акциски план за конкретни обврски на секој од засегнатите чинители, формирање на Центар за подигнување на свесноста од заканите на интернет, Телефон за помош (Helpline), Младински панел и Советодавен одбор.

„Овој проект не е изолиран чекор, туку е дел од пошироката стратегија на Владата за дигитална трансформација на Македонија. Заедно со сеопфатните политички и стратешки документи и регулатива, центарот е камен во мозаикот на нашите заложби за реформи во процесот на вистинска дигитализација, евроинтеграции и претставува конкретен пример за тоа како соработката со ЕУ носи директни придобивки за нашите граѓани“, додаде министерот Андоновски.

Проектот е целосно усогласен со EU Digital Services Act и стратегијата Better Internet for Kids (BIK+), што дополнително ја приближува земјата кон европските стандарди во дигиталната сфера.

Говорејќи за значењето на проектот MkSafeNet, министерот Андоновски истакна дека „Визијата на Владата е да создадеме дигитално општество каде што секој граѓанин, без разлика на возраста, потеклото или способностите, ќе може безбедно и ефективно да ги користи придобивките на современите технологии. Тоа е инвестиција во нашата дигитална иднина, клучно за нашиот економски развој и за создавање на квалификувана работна сила за дигиталната ера.“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK