Пожарот кој вчера изби во Националниот парк Маврово, а синоќа се приближи на 500 метри до селото Врбен истовремено се ширеше и закануваше и на Шар Планина. За да спречиме ширење на овој голем шумски пожар кон Шар Планина синоќа околу 21.30 часот од Бехтел Енка, со кои неколку дена претходно постигнавме договор да ни помагаат со тешка механизација онаму каде што тоа го дозволува теренот, побарав во текот на ноќта на критичната локација да донесат еден голем булдожер за изработка на широк противпожарен појас. На наше големо задоволство неколку минути подоцна не побара возачот на багерот, побара полициска придружба за камионот кој требаше да го транспортира повеќе од 4 метри широкиот булдожер. Пред изгрејсонце булдожерот беше на критичното место и веднаш започна со правење на безбеден противпожарен појас со кој спречи ширење на пожарот во насока кон Шар Планина, извести директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Покрај булдожерот кој дејствува над селото, од долната страна селото го бранат 20-тина ренџери од Националниот парк Маврово, 24 специјалци од полициската САЕ Тигар, со подршка на локално население. Од воздух помага големиот полициски хеликоптер Ми 171 а набргу ќе му се придружи и словенечкиот хеликоптер.
Пожарот е критичен на еден потег над селото каде покрај патот на кој се распоредени сили за одбрана има зимзелени ели високи до 30 метри. Јас сум оптимист и со оваа стратегија и тактика очекувам овој тежок шумски пожар денес да биде ставен под целосна контрола“, вели Ангелов.
Тој упати голема благодарност до локалното население кое активно се вклучи во гаснењето, како и до ренџерите од Националниот парк Маврово, полициските специјалци кои, како што извести Ангелов, од рано наутро пожртвувано се обидуваат да го сопрат навидум несопирливиот оган на некои места висок и до 30 метри.
„Посебна благодарност до Бехтел Енка бидејки нивниот моќен булдожер замени повеќе од 30 пожарникари или најмалку еден хеликоптер.
Ги охрабрувам сите авторитети кои командуваат со гаснењето на шумските пожари да користат земјоделска механизација или уште подобро тешка градежна механизација секаде каде што тоа го дозволува теренот. Доколку немаат нивни ресурси слободно нека побараат подршка од Главниот штаб за управување со кризи кој го предводам јас како директор на ЦУК. Бехтел Енка и понатаму стојат на располагање доколку некаде е неопходна подршка со тешка градежна механизација.
Воедно ги повикувам сите компании кои на било кој начин можат да помогнат во борбата со огнената стихија да се јават во Центарот за управување со кризи бидејки секоја релевантна помош е добредојдена“, додаде Ангелов.