Иако во својата предизборна програма, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше укинување на балансерот за вработувања по етнички клуч и негираше било каква соработка со криминалната ДУИ, гласачите на ДПМНЕ се повторно измамени и разочарани, велат од Левица.
„Имено, во итна постапка, денес пратениците на ДПМНЕ го изгласаа предлогот на ДУИ за формирање на собраниска комисија за мониторирање на спроведување на т.н. „Балансер”. Само пратениците на Левица гласаа против формирање на ваква бесмислена собраниска комисија.
Оваа соработка на ДПМНЕ со стариот коалиционен партнер ДУИ не е изненадувачки и доаѓа како резултат на пазарењето на ДПМНЕ за 2/3 мнозинство во Собранието со пратениците на ДУИ, кога наместо прифаќање на принципиелниот предлог на Левица за воведување на една изборна единица, ДПМНЕ одлучи да ја прифати условената поддршка за 2/3 мнозинство во Собранието на ДУИ – со формирање на парламентарна комисија за следење на етничката застапеност во државните органи, а со која ќе претседава кадар на ДУИ.
Со ова се покажува дека предизборното ветување на ДПМНЕ дека ќе биде укината праксата за вработувања во јавната администрација да се одлучува според етничката припадност, а не според личниот квалитет и стручност, е само уште една лага и манипулација.
Напротив, праксата за вработување по етнички клуч сега ќе биде институиционално унапредена преку набљудување на нејзиното спроведување од страна на собраниска комисија на ДУИ, а партиската војска на ВРЕДИ и на ДУИ ќе продолжи непречено да се вдомува во државните институции!
Воедно, со непринципиелното пазарање и соработка на новата власт со криминалните структури на ДУИ, станува сé помалку веројатно дека ДУИ ќе се соочи со било каква одговорност за нивните злодела и криминани.
Левица се залага за итно и целосно укинувањето на „Балансер”, како нужен чекор за запирање нa погубниот процес на партизацијата на јавната администраја и подобрување на ефикасноста и компетентноста на државниот апарат!
Дотолку повеќе, Балансерот претставува извор на дискриминација и воопшто не ги исполнува целите за кои е направен, што е констатирано и од Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Република Македонија за 2023 година“, стои во соопштението на Левица.