Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, како и средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, на која ги прими копиите од акредитивните писма.
На средбата со холандскиот амбасадор, министерот Муцунски изрази благодарност за конструктивниот ангажман на амбасадорот во насока на интензивирање на билатералната соработка помеѓу нашите две земји за време на неговиот мандат. Министерот потенцираше дека со Кралството Холандија традиционално негуваме исклучително блиски односи, со интензивен политички дијалог и широка секторска соработка. Воедно, тој изрази благодарност за холандската поддршка во градењето на нашите демократски капацитети и заложбите за промоција на слободно општество и слободна пазарна економија.
На одвоената средба со новоименуваниот амбасадор на Шпанија, Сориано Ортиз, министерот Муцунски му посака успешна дипломатска мисија, притоа изразувајќи задоволство од досегашниот динамичен и континуиран политички дијалог, а беа изразени и заеднички заложби за интензивирана соработка и натамошно унапредување на односите помеѓу двете земји.
Воедно, министерот се заблагодари за принципиелната и континуирана шпанска поддршка на нашата интеграција во ЕУ, и ја нагласи посветеноста на Владата за продолжување на европскиот пат, преку исполнување на значајни реформи на домашен план и одговорно дејствување во меѓународните односи.