Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје се обрати на свечената промоција на 24. класа на питомци во прв офицерски чин – потпоручник, слушателите на Курсот за офицери на служби во почетен офицерски чин – поручник и слушателите на основниот курс за подофицери во прв подофицерски чин – водник.
Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова пред питомците истакна дека тие стануваат офицери во период на глобална неизвесност, на геополитички тензии, на воени конфликти и дека како офицери на НАТО- армија, од нив се очекува да ги исполнуваат највисоките професионални стандарди и врвни критериуми.
Претседателката изрази уверување дека тие активно ќе учествуваат во справувањето со традиционалните и новите асиметрични и хибридни закани во физичкиот и сајбер-просторот и дека ќе треба да придонесуваат за колективната безбедност и одбрана преку учество во мировни мисии и операции, да ја одржуваат борбената кондиција на меѓународните воени вежби со нашите сојузници и стратешки партнери.
Во рамки на свечената промоција, претседателката Сиљановска Давкова на потпоручник Милица Перишиќ од Црна Гора и додели плакета за најдобар успех во 24. класа питомци на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“.