Пратеникот од Левица од ИЕ4, Сашко Јанчев, и членови на ЛО Левица – Прилеп денес положија цвеќе на комплексот „Карпалак” во центарот на Прилеп, во чест на убиените резервисти од 2001.
„Бранителите на 08.08.2001 беа начекани во заседа од терористичката УЧК и на кукавички начин, со отворен оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи беа нападнати.
И по 23 години, сѐ уште е „нејасно“ кој и зошто издал наредба за повлекување на полицискиот пункт од Карпалак, без да бидат информирани Генералшабот и Министерството за одбрана.
Ден пред бруталниот масакр, амбасадорот на НАТО е известен од македонски генерал дека постојат диверзантски групи во тој регион, спротивно на договореното. Амбасадорот ваквите дојави ги квалификува како “медиумска пропаганда”.
После само 5 дена од овој настан, потпишан е капитулирачкиот Рамковен договор“, соопшти Левица.
„И после две децении, ваквиот кукавички чин остана само сива мистерија. Ниту една влада предводена од СДСМ и ДПМНЕ не покрена ниту иницијатива за истрага да се открие што точно се случи тој ден на Карпалак, а владата на ДПМНЕ по барање на меѓународната заедница, ги амнестира тешките злодела со „бланко амнестија“, спротивно на меѓународното право!
Не е поставено ниту достојно спомен обележје на местото на масакрот, посветено на десетте прилепски бранители кои загинаа во воениот конфликт во 2001 година, иако со години бранителите бараат од властите да се постави споменик. Дополнително, оние кои ја бранеа татковината од монструозните злодела, денес се заборавени и живеат како социјални случаи, а терористите се наградени со функции во Владата и Собранието.
Денес, оние кои ја нападнаа Македонија, се глорифицирани на ниво на „борци за права“, додека патриотите кои ја бранеа државата се заборавени од властите.
Потсетуваме дека воени злосторства никогаш не застаруваат и за да биде правдата задоволена за оние кои ја бранеа својата татковина, терористичките извршители мора да одговараат“, се наведува во соопштението на Левица.