Полските медиуми објавија сторија за судиите Бартош Франковски и Томаш Мусијал, кои синоќа беа уапсени поради кражба на сообраќајни знаци. Оваа судиска двојка вечерва требаше да биде во ВАР собата на натпреварот меѓу Динамо Киев и Глазгов Ренџерс во квалификациите за Лигата на шампионите (натпреварот се игра во Лубин, Полска).
Полскиот ТВП спорт објави дека Франковски и Мусијал синоќа околу 1:30 часот украле сообраќајни знаци. Полицијата добила дојава дека некој намерно уништува и краде сообраќајни знаци на улиците на Лубин. Полицијата набрзо уапсила тројца мажи. Сите тројца биле под дејство на алкохол. Мусијал имал алкохол во крвта од 1,8, а Франковски 1,7.
„Околу 1 часот и 40 минути по полноќ, добивме пријава дека тројца мажи носат сообраќајни знаци на улица. На местото на настанот дојде полицијата, а сите мажи кои беа уапсени имаа над 1,5 промили алкохол во крвта. Веднаш беа однесени во центарот за трезнење“, објави полската полиција.
Идентитетот на третиот човек се уште не е познат.
По овој инцидент УЕФА ги суспендираше судиите. На нивното место во ВАР собата ќе бидат нивните сонародници Томаш Квјатовски – Павел Малек.