Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска оствари средба со Никол Варнс, новоименувана заменик-амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија.
На средбата, во присуство на америкaнската амбасадорка Ангела П. Агелер, се разговараше за досегашната поддршка од САД за Северна Македонија во сите клучни процеси за нашата земја по осамостојувањето.
Претседателот Гаши и посака добредојде во земјава, добро здравје и успешна работа на новата заменик-амбасадорка Варнс.
Тој се заблагодари за соработката и поддршката од САД, за која посочи дека има стратешко значење и долга историја, почнувајќи од независноста на земјава до нашето членство во НАТО.
Претседателот Гаши изрази уверување дека односите меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжат да се развиваат во истиот дух.
Исто така, беа разменети и мислења за можностите за продлабочување на соработката на парламентарно ниво, преку билатерални посети и црпење на искуства од американскиот Конгрес. Во тој контекст, претседателот Гаши упати на потребата од јакнење на надзорната улога на Собранието на РСМ во однос на извршната власт, посочувајќи на практиката за јавно сослушување во Конгресот на САД.
Амбасадорката Агелер му се заблагодари на Гаши за неговиот ангажман откако беше избран за претсеадател на законодавниот дом, истакнувајќи дека Собранието има мошне значајна улога за јакнење на довербата на граѓаните во институциите на државата.
Соговорниците разговаараа и за состојбите во образовниот процес во земјава, за можностите за реформи во таа сфера и за преземање конкретни чекори за јакнење на довербата меѓу заедниците.