ВМРО-Народна партија соопшти дека Коридорот 8, односно поврзувањето на Северна Македонија железнички и комплетно инфраструктурно на правецот Албанија – Бугарија е стратешко определување на независна Македонија од самиот почеток на демократизацијата и нејзиното создавање.
Главен политички носител на тој Коридор била токму партијата ВМРО-ДПМНЕ со својот потпис во 2002 година.
„Завршувањето на Коридорот 8 ќе значи комплетирање на вистинската тежина од геостратешка важност на нашата држава.
Во исто време тоа е невидена можност за економски развој на државата затоа што тој не претставува само економско поврзување со Бугарија туку поврзување и со Турција како и целиот Блиски Исток, поврзување со Романија, Украина како и целиот постсоветски простор.
Од исток пак не претставува поврзување само со Албанија туку тоа е најкраткиот пат до цела Јужна Европа и Северна Африка.
ВМРО-Народна партија жали што денешните „раководители“ на Македонија поради својата младост не памтат дека Македонија во раните 90-ти беше жртва токму на ембаргото кое го доживеавме на коридорот „Север – Југ“ и дека во тој момент бевме спасени како држава благодарејќи на коридорот „Исток – Запад“.
ВМРО-Народна партија одтука смета дека политичкото откажување од овој проект е еднакво на диверзија на самостојноста на македонската држава.
Што се однесува до техничко – финансискиот дел на забелешките на актуелната Влада, сметаме дека сигурно постои простор за да се подобри самата траса која впрочем е менувана неколку пати, а исто така и да се скратат финансиите кои ќе бидат потрошени за доизградба на железницата.
Сите позитивни промени во тој техничко – финансиски аспект од страна на ВМРО-Народна партија ќе бидат поздравени но во никој случај не можеме да ја прифатиме комплетната негација на Коридорот 8“, велат од партијата.