Обезбедувачот на Гаши репетирал пиштол, турнал полицаец, викал и се заканувал по живот – поднесена е кривична пријава

Screenshot-2024-08-03-101059.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Полицијата до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против С. С., началник на одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието поради загрозување на сигурноста.


„Пријавениот С.С. на 1 август, околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од аеродромот кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија“, велат од МВР.

Се додава дека тој бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собранието со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.

Потоа, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработените на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.

ОВККИПС согласно своите надлежности и овластувања ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник С.С. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а против полициските службеници С.Р. и Н.Б. ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK