Македонската дива, поп-ѕвездата Калиопи, на 2 август одржа спектакуларен концерт под отворено небо во Античкиот театар во Охрид.
Со фантастична енергија и емоции кои несебично ги споделуваше со публиката, таа приреди вистинско волшебно музичко патување во градот Охрид, за кој кажа дека е место полно со магија, уметност, неверојатна природа, место каде што се родила и место од каде што ќе си замине, па додаде дека Македонија е земја на чудата.
„Знаете, понекогаш се чувствувам дека живеам во земјата на чудата. Македонија е земјата на чудата“, кажа Калиопи.
На концертот освен од Охрид, публика имаше и од цела Македонија, како и гости од Србија, Бугарија, Хрватска, Англија, кои потврдија дека досега не доживеале вакви емоции како на овој концерт.
Изненадување на вечерта беше појавувањето на нејзиниот голем пријател, Марко Маринковиќ – Слаткар, со кој годинава ја објавија песната “Казна” и која првпат заедно во живо ја изведоа токму на овој концерт.
Публиката со огромен аплауз и овации ја врати два пати на бис за песните „Црно и бело“ и „Бато“. На самиот крај, Калиопи со својот бенд се поклони пред присутните.
Концертот го организираше ,,Прагма продукција’’, а следно, Калиопи ќе одржи концерт во Скопје, на 19 октомври во ,,Арена Борис Трајковски’’