По повод јубилејот 80 години од првото заседание на АСНОМ, делегација на Левица, предводена од претседателот на партијата, Димитар Апасиев, заедно со членовите на президиумот – потпретседателот Реџеп Исмаил-Хактан и генералниот секретар Јована Мојсоска положија цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот ,,Св. Прохор Пчински“, каде е одржано и првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија.
„Идеалите и целите на борбата за слобода и независност на македонскиот народ станаа реалност и темел на македонската државност со славната победа на Македонците во антифашистичката борба. Искуството од вековната борба на македонскиот народ покажува дека единствениот пат кон слобода и независност е преку борба во сојузот со сите угнетени народи на Балканот и ширум светот против канџите на империјализмот“, велат од Левица.
АСНОМ-ска Македонија е темелот на македонската државност. Во овие времиња на национална и социјална потиснатост на македонскиот народ, враќањето на АСНОМ-ските вредности и државнички принципи се клучни за повторно воспоставување на суверенитетот и независноста на македонската држава.