Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска одржа тематска прес-конференција, осврнувајќи се на дефинираните цели по кои ќе делува Министерството за европски прашања за време на неговиот мандат. Тој се осврна на неколку важни прашања, како што се искористувањето на средствата од ЕУ преку ИПА фондовите, предизвиците со кои се соочуваме, ризиците на кои сме изложени и мерките што ги преземаме за да ја подобриме нашата способност за користење на овие клучни финансиски ресурси.
Муртезани нагласи дека стапката на апсорпција на европските фондови е недоволна, со само 34% од расположливите средства покриени со потпишани договори и само 22% од средствата исплатени. Ова одразува поширок проблем со неефикасноста, кој резултираше во губење на значајни средства.
„Во изминатите две години покрај бавното спроведување на ИПА, Северна Македонија се соочи со неискористени ИПА средства на кои им истече рокот за користење и истите се вратени во буџетот на Европската Унија. Така на крајот на 2022 и на 2023 година, беа изгубени 24 милиони евра, односно околу 55 милиони евра соодветно во двете години, односно вкупно 79 милиони евра. Се проценува дека до крајот на 2024 година постои опасност за губење на дополнителни 43 милиони евра од ИПА II“, – подвлече тој.
Муртезани ги презентираше и стратешките мерки за справување со овие предизвици, меѓу кои се јакнењето на ИПА капацитетот преку нови вработувања и политиката за задржување на кадарот во ИПА структурата: „Високата флуктуација на обучени ИПА професионалци, често привлечени од приватниот сектор, создава загриженост. Нашата цел е да создадеме јасна рамка за развој на кариерата и задржување на персоналот во ИПА структурата“ – нагласи Муртезани и додаде:
„Ефикасноста и ефективноста на нашето користење на европските фондови не се само административни прашања, туку се од суштинско значење за нашиот национален развој и патот кон членство во ЕУ. Должни сме да се соочиме со овие предизвици директно и да ги исполниме нашите обврски кон граѓаните.“
Министерот најави и посета на инситутициите кои работат на проекти финансирани од ИПА, како би се воспоставила тесна соработка при идентификувањето и надминувањето на предизвиците во светло на европските фондови за капитални проекти од витално значење за граѓаните.