12 села се зафатени со пожарите на отворено информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Најважно од се, како што вели, е дека досега немаат добиено ниту една пријава за загинато или повредено лице, а сите жители на селата зафатени со пожарите се навремено евакуирани од нивните куќи.
Денеска со пожари биле зафатени неколку села: и тоа на територијата на Општина Куманово, три села каде имало претежно викендици, во овие села според Ангелов се изгорени неколку куќи, кои биле претежно стари.
Пожар има и на територијата на Општина Старо Нагоричане и таму со огнот биле зафатени три села. И во овие села според директорот на ЦУК имало малку жители и претежно стари куќи. И на територијата на Општина Свети Николе се зафатени три села. Во дел од овие села имало стари но и нови куќи кои биле зафатени од пожарите.
Пожар има и на територијата на Пробиштип и Штип, каде е зафатено селото Караорман, кое како што вели Ангелов е живо село, полно со луѓе.
Според него начинот на кој започнале пожарите и нивното ширење поради ветерот направиле тие да бидат многу тешки за гаснење. Се дејствувало и со полициските и армискиот хеликоптер, како и трите Ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување. Голема благодарност Ангелов упатува до локалните пожарникари и населението кои со лопати, гранки и се што имале пред себе, успеале да го изгаснат огнот на некои места каде тоа било можно.
Ангелов со апел за особена внимателност од страна на граѓаните поради најавите дека ветерот ќе продолжи и утре.
„Во моментов имаме повеќе од 20 активни пожари на отворено, некои од нив се делумно под контрола а најважно од се, е дека се обидуваме да ги заштитиме населените места“, појасни Ангелов.