Последната одлука на министерот за администрација, Горан Минчев, за промена на процентот на застапеност според Балансерот е уште еден чекор за реализација на сценаријата најавени од првите денови на доаѓањето на оваа Влада за деградација на Албанците во земјава, оценуваат од Алијансата за Албанците.
Со оваа одлука, според Наим Бајрами, потпретседател на партијата, застапеноста на Албанците во сите институции ќе се намали од 29,52% на 24,30%.
Тоа, како што додава, значи дека со години во иднина нема да се вработува ниту еден Албанец во оние институции каде што процентот на Албанци достигнал 24%, што практично значи дека на голем број институции ќе им бидат затворени вратите за Албанците.
„Забрзаните чекори на нелегитимната Влада за деградирање и најавеното укинување на Балансерот се крајно вознемирувачки и претставуваат сериозен удар за Охридскиот договор, правичната и соодветна застапеност и меѓуетничката кохезија во државата.
После ова, албанските партии во Владата немаат зашто да останат дури и да биле победници на изборите, а не веќе како губитници, без легитимитет и деградирани. Ги повикуваме албанските партии да ја напуштат оваа Влада која во секоја постапка го гази нашето достоинство како Албанци“, истакнуваат од Алијанса за Албанците.