Амбулантата во Илинден готова до Нова година, ќе почне со општи лекари, а веќе се бараат и интернист, педијатар, гинеколог..

Ilinden-gradonacalnik-Aleksandar-Georgievski.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

До Нова година ќе биде пуштена во употреба реновираната амбуланта во општина Илинден, која ќе ги опслужува и жителите на соседната општина, Петровец. Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека околу 30.000 жители ќе имаат можност во оваа амбуланта да добиваат здравствени услуги.


„Би почнале со општи доктори, општа медицина и во меѓувреме ќе видиме уште отсега ако можеме да најдеме концесионери педијатар, општ интернист, специјалист гинеколог, кои би ги опслужиле сите граѓани во овие две општини. Јас се надевам дека пред Нова година ќе бидеме сите заедно тука и ќе го видиме објектот опремен и со медицински персонал внатре“, рече министерот Таравари по денешниот увид во градежните активности за новиот објект во кој ќе се смести амбулантата.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски потсети дека амбулантата се гради на барање на жителите на Илинден, Општина со брзорастечки број на населението.

„На ова место се наоѓаш стара амбуланта изградена пред половина век. Десетина години наназад едно од барањата на граѓаните беше изградба на нов здравствен дом. Беше многу ветуван претходно, но не беше реализиран. За таа цел на лично моја иницијатива, како градоначалник се изработи нов проект и заедно со претходниот министер за здравство Фатмир Меџити потпишавме договор според кој оваа амбуланта требаше да се почне во најкусо можно време“, рече градоначалникот Георгиевски.

Договорот беше потпишан во декември минатата година. Георгиевски рече дека со подготвителни работи почнале во април, а со градежните во мај.

Амбулантата ќе чини 16 милиони денари од кои 8 милиони денари се обезбедени од Министерството за здравство и уште 8 милиони обезбеди Владата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK