ОН предупредуваат на епидемија од екстремни горештини

Screenshot-2024-07-25-213155.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска ги повика земјите да се справат со епидемијата на екстремни горештини, откако светот, кој ги трпи последиците од климатските промени, ја забележа највисоката глобална температура во неделата (21 јули).


Според податоците на Коперник, програмата на Европската унија за набљудување на Земјата, просечната температура на површината во неделата достигна 17,09 степени Целзиусови, што е малку повисоко од претходниот рекорд, забележан во јули минатата година – 17,08 степени.

„Екстремната топлина е новата абнормалност. Светот мора да знае како да одговори на овој предизвик“, рече Гутереш.

Годинава топлотните бранови усмртија 1.300 аџии во Саудиска Арабија, во Африка и Азија училиштата беа затворени за околу 80 милиони деца поради високите температури, а бројот на хоспитализирани и мртви во Сахел поради жештините рекордно се искачи.

Во текот на изминатата недела топлотни бранови ги зафатија САД, Европа и Русија. Коперник потврди дека се чини дека е соборен минатогодишниот рекорд. Податоците се собираат од 1940 година.

Минатата година Земјата имаше четири рекордни денови по ред, од 3-ти до 6-ти јули.

Климатските промени, поттикнати првенствено од согорувањето на фосилните горива, доведоа до екстремни горештини на северната хемисфера, пишува Ројтерс.

ОН ги повикува владите, покрај намалувањето на употребата на фосилните горива, главниот двигател на климатските промени, да ја зајакнат заштитата за најранливите групи, постарите, бремените жени и децата и да ја зголемат грижата и заштитата на работниците на отворено.

Според Меѓународната организација на трудот (МОТ), над 70 отсто од глобалната работна сила, 2,4 милијарди луѓе, се изложени на ризик од екстремни горештини.

Во Африка речиси 93 отсто од работната сила е изложена на прекумерна топлина, а во арапските земји 84 отсто.

Годишно околу 19.000 луѓе умираат како последица на жештините, а околу 23 милиони се здобиваат со повреди на работа и затоа Гутереш повикува на „заштитни мерки за работниците, засновани на човековите права“.

Тој, исто така, ги повика владите да ги заштитат клучните сектори како што е здравството од горештините.

Градовите се загреваат двојно побрзо поради урбанизацијата и недостатокот на зеленило и како резултат на ефектот на топлинскиот остров. Се проценува дека до 2050 година, бројот на луѓе кои се борат да живеат во урбани средини со екстремни горештини ќе се зголеми за 700 проценти.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK