Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска заедно со заменик началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски беа во посета на Првата пешадиска бригада, ударната тупаница на Армијата.
Мисајловски на средбата со командантот на 1.пбр, бригадниот генерал Сашко Лафчиски упати искрена благодарност до припадниците од Армијата кои се вклучени во гаснењето на пожарите од земја и од воздух и порача дека ќе вложи максимален напор секој војник, подофицер и офицер да биде опремен како што доликува тоа за НАТО Армија.
За време на посетата беше извршен брифинг за мисиите, задачите и плановите за модернизација и развој на 1.пбр и за активностите кои се реализираат преку оваа команда.
Мисајловски истакна дека Армијата согласно својата мисија и задача потребно е секогаш максимално да биде подготвена во извршување на својата уставна обврска, но и при учеството во мировните мисии и операции предводени од НАТО, ЕУ и ООН. Тој дополни дека најнапред потребно е да се фокусираме на систематско решавање на предизвиците заедно со Генералштабот, најнапред за обезбедување соодветна опрема, што дополнително ќе придонесе за подобрување на способностите и можностите за исполнување на НАТО целите на способност.
Во рамки на посетата беше презентирана дел од опремата и возилата со кои располага 1.пбр.