По одлуките за вработување на специјализантите и дополнувањето на позитивната листа на лекови, кои министерот за здравство Арбен Таравари ги смета за завршени, денес најави дека ќе се заложи до крајот на годинава решенија за трајно вработување да добијат лицата кои со години работат со договор на дело во здравството. Приоритет и персонална задача рече дека му било да најде решение за специјализантите и среќен е што успеал да го најде во првиот месец како министер. Од вкупно 647 специјализанти , 300 ќе бидат вработени оваа година, а уште 300 ќе останат за следната.
„Во меѓувреме следната моја заложба ќе биде за овие кои подолг период работат и немаат решение за работа, посебно среден медицински персонал, да најдеме и за нив решение за до крајот на годината и тие да бидат редовно вработени. Нема да се чека новиот буџет, ќе се обидеме во склоп на овој буџет да успееме да го менаџираме тоа, но ми треба време да се синхронизирам со другите министри“, рече министерот Таравари денес по посетата на Клиниката за педијатрија за промоција на нов апарат за ехо на главата на помали деца.
Иако со години работат на клиниките, дежураат како и оние кои имаат решенија за вработување, на почетокот на годинава Министерството за здравство изброја 1.117 лица кои работат со договор на дело во здравствените установи. Тогашниот министер за здравство Фатмир Меците, рече ќе ита да ги заврши сите постапки пред изборите за тие да бидат трајно вработени, но половина година подоцна, за „договорците“ решенијата се само во најава.