Помпезните најави за наводна борба против коцкањето, со одземање лиценца на две фирми кои не платиле данок, се обид да се фрли прашина во очите на граѓанинот и да се прикрие големата измама на нелегитимната Влада, истакнуваат од Алијанса за Албанците.
„Ова не е војна против коцкањето, туку повеќе наликува на војна меѓу коцкари, каде што на некого му се зема лиценца за да се создаде простор за други компании, а можеби дури и да дават лиценци на трети фирми блиски до власта“, истакнуваат од оваа партија.
Вистинската борба против коцкањето, како што додаваат, се прави само со законски решенија, со затворање на сите обложувалници и казина одеднаш.
„Доколку навистина сакате војна против коцкањето, ве повикуваме да гласате за предлогот на Алијансата за Албанците и Европскиот фронт, со кој е предвидено да бидат затворени сите објекти на игри на среќа низ целата држава и да работат само во хотели со пет ѕвездички“, потенцираат од партијата.