Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев тврдат дека не кријат имот, по обвинувањата на портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска која рече дека имотот кој му бил подарен на Јанушев, вреден 325.000 евра, е составен дел од зграда во најстрогиот дел од центарот на Скопје каде имот има и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Во однос на обвинувањата изнесени од Богданка Кузеска од СДСМ, сакам јавно да ги демантирам и да ја информирам јавноста дека уште на 04.07.2024 година, во законски утврдениот рок, до Државната комисија за спречување на корупцијата доставив изјава за имотна состојба. Сите податоци за мојот имот се јавно достапни на следниот линк: https://registar.dksk.mk/appointed-person/22221. Одговорно тврдам дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседувам ништо друго“, напиша Тошковски на неговиот Фејсбук профил.
Министерот ги повикува институциите детално да го проверат неговиот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет.
И Јанушев се огласи на Фејсбук велејќи дека не постои никакво подарено земјиште туку има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од негова страна.
„Ве пуштав да се излизгате… прво да изнесе лаги еден сдсовски сателит и советник на криминалното СЈО, во исто време шарен револуционер и познат лажен патриот, па потоа да се надоврзе една пара партиска структура и на крај да излезе изворот на таквите дезинформации, партијата која ја води неврохирургот на Заеви или како што во СДС го викаат малиот на Зоки, Венко Филипче. Па да ви одговорам по ред. Прво, СДС вели дека имотот на анкетниот лист е енормно зголемен. Тоа не е вистина и е комплетна лага. Не само што не е зголемен, туку е и двојно помал доколку се направи споредба со тој од 2017. година. Второ, не постои никакво подарено земјиште…има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС и ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува. Трето, 7 години бандитите на ДУИ и СДС беа на власт. 7 години водеа политички процес и хајка врз мене и тоа за непостоечки случај за набавка на автобуси, и кога можеа за тоа да водат случај, што мислите колку пати ќе бев затворен доколку е вистина она што сега го говорат?“, напиша Јанушев.
Според Јанушев, СДСМ ги фаќа страв затоа што секојдневно се откриваат нови злоупотреби и ќе треба да одговараат.
Kузсеска претходно обвини дека Тошковски во зградата која е дел од шемата за поклонетиот имот на Јанушев имал имот од над 200 квадрати, стан од 146 метри кавдратни и деловни простории од 46 метри квадратни. Таа прапа како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски, како и каков заеднички бизнис имале двајцата.