Наследивме опљачкана држава, но ќе победиме и ќе донесеме подобри денови за граѓаните, истакна премиерот, Христијан Мицкоски, еден месец по формирањето на новата Влада.
По повод собраниската седницата за предлог заменик-министрите во владиниот состав, првиот човек на Владата изрази уверување дека овие заменици ќе ја оправдаат довербата која ја добиваат и ќе работат неуморно за доброто на сите граѓани. Мицкоски ги повика пратениците да го поддржат нивниот избор и со тоа да дадат шанса за подобра и поуспешна иднина.
„Јас сум човек кој дава шанса и сметам дека треба шанса да добијат овие луѓе, кои денес ги предлагам и кои треба да работат напорно во исполнување на целите. Со изборот на овие заменици на министрите, нашата цел е да ја зацврстиме стабилноста на Владата и да обезбедиме ефикасна и компетентна извршна власт. Новиот тим ќе донесе свежи идеи и енергија во Владата. Тие ќе работат заедно со министрите за да ги реализираат реформите кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард на сите граѓани“, рече Мицкоски.
Како што додаде, новиот состав на Владата, ќе продолжи со поддршка на економскиот раст и развој, а еден од приоритетите ќе биде и подобрување на меѓународната соработка. Новите заменици на министри, рече Мицкоски, ќе работат активно на јакнењето на нашите односи со партнерите и пријателите во странство. Тие ќе имаат задача да поттикнуваат иновации и да креираат можности за младите. Нивната работа ќе биде насочена кон создавање на поволни услови за развој на нови технологии и стартапи.
„Верувам дека новите лица во политиката можат да донесат свежи идеи и енергија. Многу од замениците на министрите се млади и амбициозни луѓе кои ќе внесат нова динамика во работата на Владата“, рече Мицкоски.
На заменик-министрите им порача: „Немојте да го разочарате народот. Работете чесно, посветено и одговорно. Ќе ме имате мене за ваша поддршка. Но исто така знајте дека секое отстапување од овие принципи ќе значи и одговорност. Нема да толерирам неработа и непринципиелност“.
Во своето обраќање, првиот човек на Владата рече и дека во овие четири недели констатирале дека се трошеле милиони евра во железница која завршува во тунел кој нема излез, половина милијарда евра пари на македонските даночни обврзници, во измислени други тунели и подземни премини. Давани се незаконски лиценци за игра на среќа, претпријатија свесно и намерно се оставани без исплата на плати. Буџетите се безмилосно трошени и државата крвнички и душмански се крадела.
Рече и дека тој не побарал меден месец, ниту 100 дена грејс период каков што имала секоја влада, затоа што верувал во капацитетите на оваа Влада и она што може да биде направено за народот. Потсети дека досега во првиот месец од нивното владеење се случиле три големи инвестиции – инвестиција вредна 450 милиони евра во ветерен парк во Штип, Карбинци и Радовиш, новата инвестиција на американски Вабтек 35 милиони евра, како и германско-белгиска инвестиција од 20 милиони евра во Петровец. Мицкоски рече и дека донесена е одлука за специјалната финансиска соработка со Унгарија и каматна стапка која е двојно помала од онаа којашто во моментов е пазарната, или двојно помала и повеќе од онаа со која претходната Влада ги задолжила граѓаните.