Македонскиот филм е заглавен во кал. Не се сервисираат проектите кои се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки, а Македонија годинава нема да има ни кандидат за Оскар, едноставно затоа што нема филм кој ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука. Ова го истакна Дриштвото на филмските работници (ДФРМ) преку соопштение.
Од тука велат дека погубните деструктивни политики, мотивирани од незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и реваншизмот кон оние кои со години се борат за подобри услови за производство на филм, ја доведоа македонската кинематографија до колопас.
„Покрај безумните и нелогични кратења кон најголемиот амбасадор на нашата култура – филмот, овие состојби се и последица на она на кое јавноста е сведок веќе подолго време – очајната ПР капмања која се води против Друштвото на филмските работници, токму од оној за кого не важат правилата, законите, професионална етика и принципот на колегијалност. Друштвото на филмски работници на Македонија стана предмет на подмолни анонимни пријави, за кусо потоа да се обелодени нивниот подносител и автор. А само затоа што ДФРМ и фелата отворено и недвосмислено станаа против добивање на државни средства на сметка пред завршување на конкурсните процедури пропишани со закон, против испумпување милионски суми пари на сопствени сметки надвор од земјава за наводен равој или промоција како и против неколегијалното однесување, саможивноста и алчноста“, се вели во соопштението на ДФРМ.
Друштото очекува дека институциите на системот ќе се одважат и , како што велат, ќе ги расветлат и казнат криминалите кои со години тежат и го влечат македонскиот филм во бездна.