НУ Ансамбл за народни игри и песни – Танец соопштува дека согласно решението од Министерството за култура и туризам на РСМ, потпишано денеска, 19.7.2024 година, од министерот за култура Зоран Љутков, за вршител на должноста директор на НУ Танец е назначена Весна Митевска.
Назначувањето доаѓа по личното барање за разрешување на досегашниот директор Мартин Вучиќ, кој ја извршуваше функцијата директор на НУ Танец шест години, откако беше назначен во 2018 година.
Весна Митевска доаѓа на раководната функција од редот на вработените во НУ Танец, кадешто ја имаше позицијата на истакнат играч од прв ред – солист и таа е воедно и прва жена директор во 75-годишното постоење на институцијата.
Родена е во Скопје во 1986 година и љубовта кон фолклорот и традицијата ја носи уште од најраното детство. Набрзо потоа таа станува член на КУД- Скопје, каде активно ќе членува сѐ до 2001 година. Токму таа година, во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј‟, за прв пат во балетскиот оддел ќе биде отворена Насоката за традиционална музика и игра и Весна Митевска станува ученик во првата генерација образовани фолклорни играчи/пејачи, каде и матурира со успех. За време на образовниот процес таа се здобива со основите на традиционалното играње и пеење, ги изучува народните инструменти и остварува повеќе теренски истражувања.
Но, едукацијата во доменот на фолклорот продолжува и на Одделот за Етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од каде после три години, во 2008 година, Митевска се запишува на Факултетот за музичка уметност, на специјализираните студии по етнокореологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде и се здобива со звањето дипломиран етнокореолог. Во моментов е на магистерски студии на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ на УКИМ, на модулот Етнологија и антропологија на културното наследство.
Весна Митевска е вработена во НУ Танец од 2006 година, прво како дел од вокалниот состав, а од 2012 година станува дел од играорниот кор на Ансамблот, како истакнат играч од прв ред – солист. Низ нејзината посветена работа во концертните активности на Танец, таа ја има претставувано македонската култура и традиција на многубројни настапи, како во нашата земја, така и надвор од неа, на престижни сцени во Австралија, САД, Шведска, Белгија, Германија, Италија, Латвија и многу други.
Во нејзината биографија се вброени и посетите на семинари, меѓу кои и оној за изучување на лабановата нотација на српскиот етнолог и етнокореолог Оливера Васиќ. Во моментов, Весна Митевска работи и на својата прва книга, монографијата за фолклорната група од селото Петровец, местото каде што долги години и самата живее.