Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска оствари средба со командирот на полициската станица во Ѓорче Петров, Златко Цветковиќ на која се разговараше за засилување на мерки за навремено справување со евентуални временски непогоди, пожари или поплави.
На средбата, командирот Цветковиќ го информираше Стојкоски дека полицијата во Ѓорче Петров е подготвена да ја засили безбедноста и да излезе во пресрет во справувањето со непосакуваните состојби кои може да следуваат.
– И Кризниот штаб на Општина Ѓорче Петров е на готовс, подготвен во рамки на своите ингеренции и можности да реагира и да излезе на терен, доколку се јави потреба – информираше Стојкоски.
Со високите температури кои ја зафатија земјава, се зголеми и појавата на пожари низ државата.
– Со цел превенција, во план е воведување забрана за движење низ шумските делови на Кучково. Соработка меѓу општината, полицијата и останатите надлежните институции е од клучно значење за заштита на граѓаните – нагласи Стојкоски.
Како одговорна локална самоуправа, додаде, секогаш делуваме навремено при состојби кои може да бидат опасни по животот и имотот на нашите граѓани.