Фудбалерите на Шпанија вечерва од 21 часот во Берлин ќе играат во финалето на ЕП. Шпанија е во поход на четвртата, а Англија на првата европска титула. Шпанците беа најдобри во 1964, 2008 и 2012 година, тиа имаат и една светска титула во 2010. Од друга страна Англичаните на репрезентативно ниво низ историјата освоиле само еден трофеј, Светското првенство во 1966 година.
Селекцијата на Шпанија важи за фаворит, ги доби сите шест натпревари во досегашниот тек од Европското првенство и според рејтингот, со освојувањето на титулата..
Новата млада ѕвезда на Шпанија е Ламин Јамал, кој имаше три асистенции пред да постигне импресивен гол од далечина во полуфиналната победа над Франција и стана најмладиот стрелец во историјата на европските шампионати. Фудбалерот на Барселона вчера наполни 17 години.
„Би сакал да продолжи да работи со иста понизност, да продолжи да напредува, да учи со истиот став и професионализам, истата зрелост што ја покажува на теренот. Тој изгледа како многу поискусен играч“, изјави селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте.
Шпанија последен пат играше во финалето на едно големо натпреварување во 2012 година, кога во финалето на Европското првенство во Полска и Украина ја победи Италија со 4:0.
На претходното Европско првенство во 2021 година, Англија играше во финалето против Италија и загуби со 3:5 на пенали.
Англискиот тим имаше негатива во сите три натпревари во нокаут фазата на турнирот во Германија. Џуд Белингем го постигна голот за 1:1 против Словачка во петтата минута од судиското надополнување, а потоа во продолженијата Хари Кејн погоди за место на Англија во четвртфиналето.
Букајо Сака израмни во 80. минута против Швајцарија во четвртфиналето, а потоа Англија помина понатаму по изведувањето пенали.
Во полуфиналето „златната резерва“, Оли Воткинс го постигна победничкиот гол во 90. минута против Холандија.
Според извештаите двете репрезентации ќе бидат комплетни. Дани Карвахал се враќа во тимот на Шпанија откако ја одработи суспензијата од еден натпревар.
Вечерва на теренот ќе бидат двајца кандидати за „Златната копачка“ на турнирот. Капитенот на Англија, Хари Кејн и шпанскиот плејмејкер Дани Олмо, за едно со Георги Микаутадзе од Грузија, Коди Гакпо од Холандија, Иван Шранц од Словачка и Џамал Мусијала од Германија имаат постигнато по три гола во досегашниот тек од турнирот.
Финалето ќе го суди 35.годишниот француски судија Франсоа Летисије.