Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека целиот свет обрнал внимание на „киксот“ на американскиот претседател Џо Бајден на самитот на НАТО, и го нарече неприфатлив начинот на кој американскиот претседател зборувал за рускиот претседател Владимир Путин.
„Апсолутно е неприфатливо еден шеф на држава да зборува со непочитување за друг шеф на држава. Ова е нешто на што секогаш обрнуваме внимание и што е неприфатливо“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Песков го коментираше тоа што вчера Бајден направи грешка кога го претстави украинскиот претседател Володимир Зеленски како „претседателот Путин“, по што веднаш се поправи.
Кремљ и претходно го обвини Бајден за „непристојни“ коментари за Путин.
Во 2021 година, Бајден во интервју го нарече Путин „убиец“, а овој февруари го нарече „лудак“, пренесува Ројтерс.