Проф. Цицонков: Политичари, соблечете ги оделата кога е надвор жешко!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Не само во Република Македонија (РМ), туку во огромен број региони во светот температурата на воздухот во атмосферата постојано расте со загрижувачки размери и со огромни последици по здравјето на луѓето, како и со големи штети на нивните добра. Генерално, климатските промени се штетни за целиот растителен и животински свет на планетата Земја.

Колку температурата на надворешниот воздух е повисока, толку ќе се зголемува потребата за ладење, а тоа значи зголемување на потрошувачката на електрична енергија. Тоа повлекува зголемување на производството на електрична енергија при што доминантна улога имаат фосилните горива, а тоа значи зголемување на емисијата на јаглерод-диоксид (СО2) кој е главен причинител на ефектот стаклена градина, т.е. глобалното затоплување со кое се покачува температурата на воздухот во атмосферата. Значи ова не е вртење во круг, туку вртење во спирала која оди нагоре.



Борбата со климатските промени е многу комплексна проблематика бидејќи треба да се преземаат мерки на сите нивоа: глобално, национално, локално, во фирми, во институции, како и во секој дом.

Една од најбитните работи е намалување на потрошувачката на енергија. Постојат разни начини да се постигне тоа со мерки за подобрување на енергетската ефикасност за кои треба да има извесно вложување на пари. Дали постои нешто со кое бесплатно може да се намали потрошувачката на електрична енергија? Да, понатаму ќе претставам една лесно спроведлива идеја.

Во просториите во кои престојуваат луѓе треба да се одржуваат соодветни комфорни услови (на воздухот), а тоа се: температура, влажност, чист воздух, брзина на воздух и др. Понатаму ќе се задржам само на температурата која во летниот период внатре треба да биде 27 оС (или 26 оС). Притоа, луѓето треба да носат соодветна лесна (летна) облека. Ако надворешната темпераура е 35 оС, тогаш за секој еден оС пониска температура во просторијата ќе се троши приближно 12% повеќе електрична енергија. На пример, 24 оС е поудобна температура, но тогаш би се трошело околу 30% повеќе енергија.

Кога надвор има екстремно висока температура на воздухот, како на пример деновиве кога во градовите надминува 40 оС, температурата на воздухот во просториите треба да биде и повисока од 27 оС. Од здравствени причини се препорачува температурна разлика помеѓу надворешниот и внатрешниот воздух да не биде поголема од 8 оС (евентуално 10 оС) бидејќи при излегување надвор човечкиот организам доживува шок од наглата и голема температурна промена. Во таков случај се препорачува и извесен престој во меѓупростор заради ублажување на таа промена.

Всушност, поводот да го подготвам овој напис е случајната глетка на собранискиот тв канал при изборот на новата Влада на РМ. Во еден момент имаше кадар на кој се гледаше измерената температура во салата, таа изнесуваше 21 оС, а надвор пекол жешко. Тоа е сосема нормална температура бидејќи сите пратеници беа облечени во одело и плус кравата. Слични слики гледаме и на седници на Владата, сите министри се облечени во одело и плус кравата. А ако погледаме малку пошироко, илјадници службеници во речиси сите државни институции се облечени во таква облека. Притоа, ако внатре температурата е 21 оС, а надвор 38 оС, тогаш се троши приближно 100% повеќе енергија (значи двојно повеќе). Во овој поглед РМ не е исклучок, скоро во цел свет политичарите и другите државни службеници се облечени во одело и кравата.

Со овој напис се обраќам директно до Владата на РМ да организира акција за менување на досегашните непишани правила и навики, имено министрите, пратениците и сите други државни службеници да не носат одела и кравати во летниот период кога температурата надвор е над 25 оС. Во таков случај да носат соодветна лесна облека, на пример кошула со кратки ракави, а температурата внатре да се одржува на 27 оС (или 26 оС). Ако се инсистира на покажување на државна или друга функција во текот на работата или на соодветен настан, тогаш официјалниот карактер може да се покаже со ставање на некој знак на кошулата. Како предлог нека биде значка во вид на кравата или некоја везена апликација на видно место на кошулата. Ова е веќе предмет за размислување и за модни креатори.

Предлагам оваа идеја Владата итно да ја спроведува во целата држава. Исто така, да се обрати до сите релевантни меѓународни институции, како на пример Обединетите Нации и др. да ја покренат оваа иницијатива на глобално ниво. Мерката за замена на одело и кравата со лесна облека, тоа значи одржување внатрешна температура од 27 оС (или 26 оС), е бесплатна. Не само што ќе се штеди електрична енергија на тој начин, туку луѓето ќе заштедат и пари за облеката. Летната облека (кошула со кратки ракави) е многу поефтина од одело и кравата.

Со оглед на фактот што многу граѓани не се доволно информирани во оваа проблематика, предлагам да се покрене иницијатива за менување на навиките и кај граѓаните да ја регулираат температурата во нивните домови да биде како што е погоре наведено. Истото се однесува и за работните простории во разни фирми и комерцијални објекти.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK