Министерот за локална самоуправа Златко Перински, денеска имаше состанок со градоначалниците од Југоисточниот плански регион.
На состанокот министерот Перински се информираше за приоритетните потреби на општините и на граѓаните, како и на подготвеноста на локалните власти, да реализираат поголеми инфраструктурни проекти.
Министерот Перински, нагласи дека Владата во континуитет ќе ги поддржува општините, со цел во секоја општина, во секое населено место, да се обезбедат основните услови за живеење и да се подобри квалитетот на услугите за сите граѓани.
„Ние сакаме секој граѓанин да има пристојни услови за живеење во својот град, во своето село и таму да ја гради перспективата за своето семејство. Секоја општина, секој плански регион, има свои потенцијали, кои што со поддршка на Владата, можат да бидат ставени во функција на развојот и на подобрувањето на условите за живеење и за работа на граѓаните.“, рече Перински.
Од локалните власти министерот Перински доби уверување дека тие се подготвени, има готови проекти со целосна проектна документација и дека ќе бидат аплицирани проекти, кои што ќе имаат директно влијание на животот на граѓаните.
Како проекти, кои се подготвени, беа спомнати, реконструкцијата на чаршијата во Гевгелија, потоа целосно нова канализациона мрежа во населеното место Василево и целосната реконструкција на старата стоковна куќа во Радовиш, која скапува цели 30 години.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински, најави дека веднаш по ребалансот на Буџетот ќе биде објавен јавен повик за финансирање на поголеми инфраструктурни проекти во општините, на што веќе се работи во Министерството за локална самоуправа.