По пет натпревари, 480 минути фудбал, и бројни промени на Дидиер Дешамп – Франција успеа да се пласира во полуфиналето постигнувајќи само три гола.
Два беа автогол, додека еден постигна Мбапе од пенал.
Имаше шанси, но тие беа главно производ на индивидуалните квалитети на Мбапе, Дембеле и Баркола. Тактички изгледаше крајно слабо, освен ако тактиката не е да се потпреме на одбраната, на средниот ред и среќата.
Дешамп знае да победува на големи натпреварувања. Впрочем, ги освои и како играч и како тренер.
Јасна е и неговата намера да се потпре на брзината во нападот, како и силата и издржливоста во одбраната. Оправдувањето може да се најде и во отсуство на вистински плејмејкер, поради што селекторот на „триколорите“ посегна по неконвенционално решение.
Во поголемиот дел од турнирот, Нголо Канте играше на позицијата преден играч за врска, поради што очекувано настрада креацијата, но преснигот се зголеми.
Во такви околности, јасно е зошто играта на Франција не е течна и мека, но придобивките се забележуваат од другата страна на теренот.
Ги имаа и убедливо најтешките ривали во нокаут фазата, а мрежите зад Мајк Мењан останаа недопрени. Кога на Канте му се придружуваат Аурелиен Чуамени и Едуардо Камавинга, јасно е зошто француските противници толку се мачеа да постигнат гол.
Јасно е дека Франција ќе се обиде на ист начин да ја неутрализира Шпанија и дека ќе се потпре на еден момент на генијалност од своите напаѓачи за да се пласираат во новото финале на големото натпреварување.
Дешамп има можност да стане единствениот човек кој ги освоил светските и европските првенства и како играч и како тренер и затоа ќе му треба подобра реализација на фудбалерите кои му донесоа големи успеси во минатото.